ФФМ ќе си „лапне“ 1,5 милиони евра ако бидеме први во групата во Лигата на нации!

Фудбалските репрезентативци на Македонија добија екстра мотив во пресрет на дуелите против Лихтенштајн (в сабота) и Ерменија (во вторник), откако челниците на УЕФА решија за 50-отсто да го зголемат паричниот фонд за награди и бонуси во Лигата на нации.

Наместо половина милион евра, ФФМ сега има загарантирани 750.000 евра само за учество во ова новоформирано натпреварување, а првото место во групата, за кое имаме сосема реални шанси, би ја удвоила оваа сума за вкупни 1,5 милиони евра во касата на Куќата на фудбалот. Фудбалерите веќе имаат два победи во првите две средби, против Ерменија дома и против Гибралтар на гости, што со два триумфа на средбите месецов веќе би имале сигурно место во плејоф-фазата. Таму борбата ќе биде за премијата од скоро 10 милиони евра кои ќе ја добие најдобрата селекција во нашата Лига Д и тоа со обезбедување пласман на Европското првенство (ЕП) 2020.

Победникот, пак, во Лигата на нации, кој ќе се добие со плејоф-мечеви помеѓу четирите најдобри екипи во групите во Лига А, ќе инкасира дополнителни шест милиони евра. Вкупната сума која УЕФА ќе ја префрли на сметките на 55 нации сега изнесува околу 115 милиони евра.