ФФМ им се поклони на дебитантите: Штотуку почнува нешто важно!
Тројца од нив имаа прилика и да истрчаат на теренот. Најмногу се истакна Матеј Гаштаров кој и во двата дуели покрај тоа што бевме поразени беше еден од најдобрите на теренот.
Во добро светло во последната линија против Словенија се покажа и Енес Мелиќи од Шкендија кој почна од првата минута. Шанса во последниот половина час доби и Христијан Малески кој на овој дуел ја имаше и најголемата прилика за гол за нас, но неговиот удар го одбрани Јан Облак.
Нивните дебитантски настапи посебно ги истакна и Фудбалската федерација на Македонија.
„Првите натпревари за Македонија и она чувство дека можеби штотуку почнува нешто важно“, стои во пораката на федерацијата на социјалните мрежи.
Единствен кој не доби шанса да ги одигра првите минути во дресот на Македонија беше дефанзивецот на Силекс, Ѓорѓе Џеков. Следен предизвик за Македонија е Шкотска против која играме в сабота во Скопје во третото коло.