Елитната фаза стана далечна: Македонските надежи тргнаа со пораз во квалификациите

Младата македонска фудбалска репрезентација до 17 години со пораз од домаќнот Полска со 2-3 го започна квалификацискиот циклус за пласман во елитната фаза од квалификациите, па направи голем чекор наназад во битката за остварување на зацртаната цел.

Македонските надежи денеска загубија со пресврт откако по само 19 минути преку Филип Ѓорѓиоски дојдоа во водство по асистенцијата на Кристијан Трајковски, но радоста им траеше само десет минути. Филип Балцевич израмни во 29-та минута на асистенција на Радослав Циелемицки и потоа после две одлични шанси кои не ги искористија Мартин Талаков во 35-та и Албан Таипи на стартот на вториот дел во 46-та, следуваше казна.

Патрик Куштал по еден час игра (62. минута) по втората асистенција на Циелемицки ја донесе полска во водство со 2-1, а Кацпер Козловски на 20 минути пред крајот практично ја запечати победата со трет гол. Во завршницата Емир Саитоски постигна втор гол за Македонија за да нè врати во игра, но до крајот не успеавме да се избориме за реми и голем бод.

Првиот фаворит во групата, Белгија го растури Лихтенштајн денеска во вториот меч од групата победувајќи го со 12-0, а токму „црвените ѓаволи“ в сабота од 11 часот се наш следен противник во овие квалификации. Во истиот термин ќе играат Полска и аутсајдерот Лигхтенштајн.

Пласман во елитната фаза обезбедуваат првите две селекции од секоја група и најдобрите четири третопласирани, па Македонија ќе мора да се избори барем за бод и победа во следните два меча.