Биелса се заљубил во Елмас – по ЕУРО го носи во Лидс!?

Англиски Лидс уште зимоска беше еден од четирите клубови кои беа посочени дека силно го посакуваат македонскиот дијамант Елиф Елмас, ама очигледно менаџерот Марсело Биелса ептен се „заљубил“ во нашиот фудбалер за врска, па решен е по Европското првенство по секоја цена да го донесе.

Лидс повторно се враќа во игра за да го купи Елмас, најави угледниот „Атлетик“, повикувајќи се на информации од клубот, бидејќи Биелса на клупското раководство му посочил дека македонскиот поливалентен играч од средниот ред е баш таков каков што му недостига на овој тим за да биде уште подобар.

Биелса знае дека Елмас може уште повеќе да си ја набилда цената на ЕП, зашто немаше угледен медиум што не го посочи македонскиот суперталент како еден од младите фудбалери кои треба да се следи со посебно внимание. Елмас во Наполи под палката на Џенаро Гатузо добиваше шанса на лажичка и беше само резерва, што ги нервираше и навивачите на италијанскиот калчолигаш, но сега откако се случи смена на кормилото и дојде Лучано Спалети, прашање е дали наполитанците ќе сакаат да го продадат македонскиот фудбалер.

Лидс заедно со Бенфика, Борусија Дортмунд и Борусија Менхенгладбах уште зимосна беа посочени дека веќе понудиле 25 милиони евра за Елмас, но Наполи сите понуди ги одби, а и самиот фудбалер сакаше да остане под Везув до Европското првенство. Бенфика веќе прави еден притисок за да го земе, но обидите за заем тешко дека ќе поминат, а најверојатно единствена шанса ќе биде само со откуп на договорот и ако апетитите на Аурелиот де Лаурентис се задоволат.

Бидејќи во Англија се вртат најмногу пари, Лидс веројатно би имал предност и би можел да ја победи конкуренцијата, особено ако притисне Биелса, но само во счучај ако отштетата што ќе ја побара Наполи би била разумна, посочуваат од англискиот весник.

Елмас дојде во Наполи во 2019 година на барање на Карло Анчелоти, новиот тренер на Реал Мадрид, за 16 милиони евра плус бонуси од турски Фенербахче, кој две години претходно само за тренинг-компензација од 200.000 евра го зема од скопски Работнички.