Бејтулаи: Играме добар фудбал, навивачите да ни веруваат, ќе ги изненадиме!

Еден од стандардните репрезентативци на Македонија, Егзон Бејтулаи, пред неделниот натпревар со Австрија истакна дека е нетрпелив да го даде најдоброто за Македонија и на ова Европско првенство, исто како и пред четири години, кога настапи за селекцијата до 21 година, на Еуро во Полска. 

Дефанзивецот потенцира дека играме добар фудбал и не треба да менуваме ништо околу тоа. Ги повика навивачите да веруваат во репрезентативците, како што им веруваа дека ќе се пласираат на ЕП.

„Играме многу добар фудбал и не сме таква екипа, која во секоја минута се брани, не ние напаѓаме. Мислам дека не треба да ја менуваме нашата игра на ниеден од натпреварите, ние сите напаѓаме и сите се браниме. Секако, тоа зависи и од резултатот, дали треба да го браниме но зошто да не напаѓаме и кога имаме добар резултат. А кога немаме позитивен резултат, секако дека ќе напаѓаме. Мило ми е што се враќаат навивачите, јас само би им порачал да ни веруваат и да веруваат во нашата игра. Видоа каде нè донесе таа досега, стигнавме до Европско, така што нека ни веруваат до крај, може да ги изненадиме.“, изјави Бејтулаи.

Кажа и за себе, дека се радува на континуитетот кој го има, почнувајќи од младата репрезентација, до денес.

„Многу ми е мило, што можев да ја претставувам Македонија на младинското ЕП во Полска, а сега и со А-тимот да дојдам на еден голем настан. Ете стигнавме таму каде што најмногу посакувавме, на Еуро. Многу ми е драго што сум дел од избраните репрезентативци и се надевам дека ќе одиграм најдобро што можам. Секој играч чувствува притисок пред натпреварите и ние реба да знаеме како да се носиме со тоа. Не само противниците, туку и ние имаме фудбалери што настапуваат во големи клубови и големи лиги, но најважното е да играме како тим. Ако добијам минути, ќе ги искористам најдобро што знам и ќе го дадам најдоброто за Македонија“, се изјасни фудбалерот на Шкендија.