Барди: Утре во Кардиф ќе нѐ бодрат 700 Македонци, но чувствуваме дека цела држава е зад нас! 

Македонската фудбалска репреентација утре го игра клучниот квалификациски натпревар за второто место во групата кој, на хартија, носи полесен ривал во баражот.

Вниманието на целата нација е насочено кон овој меч иако одамна имаме обезбедено дополнителни квалификации за пласман на Светското првенство. Енергијата и поддршката добро ги чувствуваат и фудбалерите за што зборуваше капитенот Енис Барди на денешната прес-конференција.

„Сите знаеме колку ни значи овој меч. Може да ни донесе многу, но треба да уживаме во тоа што го направивме досега. На секој натпревар секој од нас давал 100% во секој момент, ама утре сакам да дадеме повеќе од тоа што можеме. Мечот е битен, но мора и да уживаме на теренот... Тоа често пати го забораваме, можеби од стрес,  но треба да уживаме што може да играме со селекции како Велс. Исто треба да уживаме и што сме дел од оваа селекција. Да играме со срце и да се бориме.. 

Утре ја имаме цела држава зад нас. Овде колку што знам ќе бидат 700, но од дома сите ќе нѐ бодрат. Дај боже да биде како што треба утре и да се радуваме на крај. Покаваме досега дека може да сме добри и во офанзива. Ова е различен меч од тој со Белгија во Гент, но мора да одговориме како што знаеме“, рече Барди.