Барди: Да покажеме дека заслужуваме да играме во Лига Б!

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Енис Барди во пресрет на ждрепката за Лигата на нации даде изјава за сајтот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Во четврток со почеток од 18 часот ќе се одржи ждрепката за новата сезона од Лигата на нации, Македонија за првпат ќе игра во Лига Б.

„Самите се доведовме во позиција да играме во поквалитетен сегмент. Го заслуживме тоа со прикажаното на натпреварите од Ц сегментот. Лига Б носи силна конкуренција, но токму тоа е предизвикот. Без разлика кој ќе ни биде противник, мора да бидеме подготвени и физички и ментално, да го држиме високиот ритам на секој натпревар“, истакна Барди.

Тој вели дека Лига Б е вистинска можност за докажување дека заслужуваме место во овој ранг.

„Има противници со кои досега не сме се сретнале, како Швајцарија. Ова е нова шанса за сите нас, со поинаква енергија и силен мотив да покажеме дека припаѓаме на ова ниво и да се бориме за позитивен резултат. Конкуренцијата е навистина силна, ама веруваме во нашиот квалитет и сеедно против кого ќе се соочиме во групата, треба да ги одиграме тие натпревари во таков, силен ритам.“

На ждрепката ќе бидеме во четвртиот шешир во кој се уште и Шведска, Северна Ирска и Косово, ниту една од овие селекции нема да можеме да ги добиеме.

Лига Б:
Прв шешир: 
Шкотска, Унгарија, Полска, Израел
Втор шешир: 
Швајцарија, БиХ, Австрија, Украина
Трет шешир: 
Словенија, Грузија, Р. Ирска, Романија
Четврти шешир:
Шведска, Македонија, Северна Ирска, Косово