Барди: Чест е да си капитен на Македонија, до успех можеме ако сите сме – заедно!

Новиот капитен на Македонија, Енис Барди, кој веќе неколкупати ја носеше капитенската лента во изминатиов период како заменик-капитен, го наследува Стефан Ристовски како лидер на селекцијата откако доскорешниот капитен се повлече од националниот тим поради недоразбирања со селекторот.

Барди пред мечот со Италија посочи дека е чест што е капитен на Македонија, додавајќи дека само заедништвото може повторно да донесе успех, во пресметката со големиот фаворит кој сѐ уште го боли и пече поразот пред година ипол во Палермо.

„Емотивен е овој момент, да си капитен на Македонија, нешто многу значајно, лента која пред мене ја носеа Горан (Пандев – н.з.) и Стефан (Ристовски – н.з.). Јас многупати сум кажал дека во овој тим нема само еден капитен и лидер, туку има повеќе лидери кои ја заслужуваат лентата, но еден ја носи. За мене чест и задоволство е сето ова. Ова е нов предизвик за мене, за сите нас, нов лист и спремни сме, но мора да сме сто отсто концентрирани зашто поинаку вакви ривали како Италија не може да добиеш“, вели Барди.

Тој посочува дека без дисциплина и заедништво нема успех, не само против Италија, туку против било кој друг тим.

„Во денешниот фудбал ако не си дисциплиниран, тешко е да дојдеш до позитивен резултат. Ние секогаш тоа го зборуваме, иако нема многу време во краткиот период на подготовки, но сега разговаравме многу повеќе од досега, дека ако сме тим и дисциплинирани, ако си помагаме еден на друг на теренот, ако имаме заедништво, само така можеме до успеси. Некако тоа ни фалеше во последно време, сега е подобро. Затоа велам дека само заедно можеме до големи резултати“, додаде Барди.