Ангеловски: За Украина ќе биде трагедија ако загуби!

Македонија утре од 15 часот ќе се соочи со Украина во второто коло на Европското првенство во Букурешт, во меч кој практично е финале и за двете селекции во битката за следна фаза, зашто пораз на било која селекција ќе биде крај на евроавантурата, додека со реми ќе се одложи прашањето за евентуален пласман после последното коло во понеделник.

ОД БУКУРЕШТ, 
НИКОЛА БОГОЈЕВСКИ

Македонија на Еуро 2020 дојде како аутсајдер, па фаворитската улога им ја префрли на далеку пореномираните ривали, а со тоа и притисокот врз нив дека ќе мора да ги победат црвено-жолтите, па таа растеретеност треба да биде плус заедно со извлечените поуки од поразот со Австрија, за нов добар настап, ама сега и резулчтатски.

„Ние дојдовме на ова Европско првенство со цел да се бориме за пласман во следната фаза и таа цел сѐ уште стои пред нас, а нѐ чека меч со директен конкурент, кој како и ние има нула бодови и ова е своевидно финале. Победникот од овој меч ќе си ги зголеми шансите за пласман, а ние немаме притисок, зашто Украина е фаворит, а за нив ако не успеат да нѐ победат и да се пласираат понатаму тоа ќе биде трагедија. Затоа ние влегуваме максимално мотивирано, со голем респект кон Украина, да го задржиме тоа што беше позитивно од мечот со Австрија, а лошите моменти да ги поправиме“, рече селекторот Игор Ангеловски.

Тој посочува дека пред Македонија е еден тежок ривал, кој покажал дека е многу квалитетен против Холандија кога од два негатива успеа да се врати во мечот.

„Украина е исклучително квалитетна, а тоа се виде и со Холандија, кога од 0-2 успеаа да стигнат до 2-2, иако на крајот го загубија тој меч. Јермоленко, Зинченко, Малиновски и останатите се одлични фудбалери, добри индивидуалци кои играат во елитни клубови, ама и Македонија има одлични фудбалери, кои веќе многупати докажаа дека може да се носат со сите, па и со Украина“, вели Ангеловски.

Со кој тим селекторот ќе истрча и дали ќе има некоја промена во однос на првиот меч со Австрија, допрва ќе решава селекторот.