Ангеловски: Победите со Лихтенштајн се само убаво минато, утре нѐ чека нов предизвик!

Македонската фудбалска репрезентација утре ја очекува третиот презивик во Лигата на нации, на домашен терен против аутсајдерот Лихтенштајн во битка за трета победа во низа и продолжување на победничкиот пат кон првото место во групата Д во Д-дивизијата која води кон плејоф за пласман на Евро 2020.

Македонија против Лихтенштајн е голем фаворит, но на терен тоа ќе мора да се потврди, а селекторот Игор Ангеловски посочи дека без оглед што „клучниот меч“ е во вторник во Ерменија, во моментов размислува само за следниот противник и освојување на трите бода.

„Очекувам максимално издание на нашите фудбалери. Тоа што како задача ќе им биде зададено за да го извршат со една цел - да дојдеме до победа. Победата е најважна за нас. Јас никогаш во животот не сум размислувал за вториот, третиот меч, туку секогаш е најважен тој што следи прв. Сите мисли ми се насочени исклучиво за овој меч и размислуваме само како да одиграме најдобро што знаеме и да ги освоиме трите бода“, вели Ангеловски.

Македонија пред една година двапати го победи Лихтенштајн со вкупни 7-0 (3-0 на гости и 4-0 во Струмица), но Ангеловски посочува дека тие мечеви се убаво минато, а сегашноста е дека треа повторно дисциплинирано, мотивирано, борбено да се стигне до нов триумф.

„Тие резултати во мундијалските квалификации се само едно убаво минато. Сега не очекува нов предизвик, а за секој меч треба сериозен пристап. За мене најважно е ние да бидеме на вистинско ниво. За Лихтенштајн ги имаме сите потребни информации, без оглед што игравме со нив претходно. Досега двата меча во Лига на нации ги одиграа добро, имаат нови фудбалери и во фудбалот еден тим игра колку што ќе му оставите простор, а јас се надевам дека ќе им оставиме малку простори и дека фудбалерите ќе одиграат на потребното ниво за да ги освоиме трите бода“, потенцира Ангеловски.

Селекторот посочи дека очекува поголемиот дел од фудбалерите кои имаа стомачни тегоби денеска наутро ќе бидат подготвени за дуелот, зошто од час во час состојбата се подобрува.

„Одреден број на фудбалери утрово се пожалија на стомачки тегоби, со нагон на повраќање, но од резултатите на лекарскиот тим станува збор за вирус. Тие се под постојан и интензивен надзор и од час во час состојбата им се подобрува. Јас се надевам дека поголем број од нив ќе ги имаме на располагање за утрешниот меч“, вели Ангеловски.