Ангеловски: Ништо не е готово, само вака да продолжиме!

Македонската репрезентација направи огромен чекор кон пласман во плејофот за Евро 2020, откако вечерва со 4-1 го победија Лихтенштајн и сега на ривалите црвено-жолтите им избегаа на шест бода на половина од битката за првото место во групата.

По триумфот вечерва, селекторот на Македонија, Игор Ангеловски посочи дека овој триумф, но и големата сензација што ја направи Гибралтар не значи дека сè е готово.

„Огромни се шансите да завршиме на првото место после ова коло. Но, готово ќе биде кога ќе бидеме официјално на првото место. Сега ние не се натпреварување само со ривалите во својата група, туку се натпреваруваме и со останатите групи, сè со цел за да бидеме со подобар скор и од останатите и сето тоа да ни донесе домашен меч во полуфиналето. Плус секоја победа значи многу и во бодувањата за ждрепката за ЕП, а наша цел е да бидеме најдобро рангирани за четвриот шешир. Ништо не е готово и само вака да продолжиме. Имаме големи мотиви да продолжиме на ваков начин“, рече Ангеловски по мечот.

Тој посочи дека Македонија во моментов покажува сила и против слаби репрезентации, затоа што во минатото, националниот тим се мачел токму против вакви репрезентации и најави дека во Ерменија мислите се само победа.

„Добро знаеме како поминувавме со вакви селекции. Сега е приказната поинаква. Максимално респректирајќи ги противниците, добивајќи ги на рутина овие противници. Со тоа што ќе бидеме први автоматски влегуваме во лига Ц. На секој меч одиме на гол повеќе од противникот. Вечерва победивме со допадлива игра, а сите што беа на стадионот се надевам беа задоволни. Во Ереван мислиме само за да победиме“, додаде Ангеловски.

Селекторот на Лихтенштајн ѝ честиташе на Македонија за заслужената победа и посочи дека во моментов избраниците на Ангеловски се за една класа подобри од останатите во групата

„Би сакал да и честитам на Македонија за заслужената победа. Ние знаевме и претходно колку е Македонија квалитетна, а го зголемуува квалитетот на својата игра во текот на целиот меч, па не можевме ништо повеќе да направиме. Не најдовме рецепт да се спротивставиме на напаѓачката игра на Македонија. Не успеавме да одговориме ниту со нашиот напад. Имавме обиди со кратки додавања да парираме, но тие успеаа со својата игра да не победат на начин како што сите видоа. Не го најдовме нашиот ритам, а Македонија во вториот дел спушти со една брзина помалку, но ни тогаш не можевме да се спротивставиме. Македонија е една класа за сите три репрезентации во групата“, рече по мечот селекторот на Лихтенштајн, Рене Пауртиш.