Ангеловски не се предава: Не се загубени квалификациите, три бода сме од второто место!

Иако Македонија загуби два меча по ред од главните фаворити за првите две места, а потроши повеќе од половина мечеви на домашен терен, селекторот Игор Ангеловски не се предава дека квалификациите веќе по четири кола се загубени и посочи после поразот од Австрија со 1-4 дека ќе се обидат да го надоместат загубеното на гостински терен.

Македонија го одигра најлошиот меч во последните две-три години и доби вистинска лекција од Австријците, кои ни покажаа дека сѐ уште сме далеку од европскиот крем.

„Не се сложувам дека ги загубивме квалификациите, точно е дека имаме голем хендикеп е тоа што загубивме дома од фаворитите, но ние сме на три бода од второто место и сега ќесе обидеме да го надоместиме тоа на гостински терен. Не би рекол дека се враќаме во реалноста по овие два порази, зашто сите знаеме каде бевме во овие 25 години. Загубивме од два поквалитетни селекции, ако тој со Полска беше несреќен, овој пораз е заслужен. Ќе повторам дека ќе се обидеме да го надополниме тоа што го испуштивме“, вели Ангеловски.

Селекторот посочи дека Австрија нѐ добила на физички план и потенцираше дека ако при 1-0 Горан Пандев ја искористел шансата, како и Илија Несторовски, би можеле да се надеваме на позитивен резултат

„Вечерва потфрливме на тркачки план и дуел игра. Австрија нѐ натрча. Ние некако и париравме до пеналот, а потоа немавме ни сила. Тие беа подобри на физички план и подобро подготвени. Противникот создаде многу повеќе шанси, а ако сакавме да се надеваме на добар резултат, требаше да дадеме гол прои 1-0“, вели Ангеловски.

Овој пораз нема да ја наруши атмосферата, а и понатаму Ангеловски стои на ставот дека оваа генерација е најдобрата во историјата на Македонија.

„Пораз како пораз, но нема причина да се наруши атмосферата. Јас побарав пласман на ЕП, прв кој ја крена летвичката и шансите за Евро 2020 не се изгубени. Три бода од второ место, имаме и бараж и сѐ додека има шанси ќе се бориме за пласман. Јас и понатаму верувам дека овие се најдобрите во историјата“, посочи Ангеловски.

Македонија по четири кола е претпоследна со 4 бода, Полска е лидер со максимални 12, пред Израел со седум, Австрија со шест и Словенија со пет, а само Летонија, која ја победивме на стартот е единствена без бод.