Ангеловски: Не е сеедно на кое место ќе завршиме во овие квалификации!

Селекторот на макеоднската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски посочи дека не е сеедно Македонија на која позиција ќе заврши во квалификациите, па црвено-жолтите во последните два меча од овој циклус за Евро 2020 ќе се обиде да освои што е можно повеќе бодови за да стигне до третата позиција во групата, што би било најдобар пласман на А-тимот во едни квалификации.

Македонија ги загуби шансите за пласман на ЕП, иако теоретски е можно второто место, но за таов расплет треба да се случи „осмо светско чудо“.

„Не е сеедно како ќе заврши за нас секој меч, а не пак цели квалификации. Јас посакував до крај да бидеме во игра за ЕП, а до пред еден меч бевме во таква игра. Сега теоретски имаме шанси, ама треба да бидеме реални. Играме со Австрија, која во целиот циклус покажа најдоминантна игра, селекција која најмногу покажа, а од два меча ѝ треба само бод, дали со нас или со Летонија во последните два меча“, вели Игор Ангеловски.

Макеоднскиот селектор има сериозни проблеми со составот, зашто за Австрија не може да смета на Аријан Адеми, кој игра под блокада поради фрактура на стапалото и треба да паузира шест недели, потоа Егзон Бејтулаи кој е повреден, а суспендирани се Висар Муслиу, Бобан Николов и Илија Несторовски. Во составот се враќаат Енис Барди, Дарко Велковски, Никола Ѓорѓев, а по одличните игри во Првата лига и Даниел Аврамовски е во составот.

„Овие се два меча кои освен што ќе се бориме за бодови, мора да размислуваме и за тој плејоф со Косово, зашто немаме пријателски мечеви после овие два дуели. Овие мечеви треба да пробаме тактички да се довоиграме, иако мислам дека сме доволно воиграни. Јас во глобала сум задоволен од досегашните настапи во квалификации, имаме 11 бода, со игра се справивме со секој меч, плус имаме две победи со Летонија, позитивен скор со Словенија, реми од Израел... Јас се надевам дека ќе ги заокружиме овие квалификации со пласма кој ќе го отслика како одигравме во овој циклус“, додава Ангеловски.

Австрија е прв противник, кој едниснтвен нѝ одржа фудбалска лекција со тирумфот со 4-1 во Скопје, во дуелот на кој Македонија требаше да биде среќна што не доживеа и поголем дебакл.

„Австрија заслужено нè надигра на тој меч, беа доминантни и заслужено нè победија. Дали бевме истрошени од првиот меч со Полска и заокружено со лошото издание, одигравме под ниво. Сега имаме шанса да го докажеме спротивното и да одиграме најдобро што можеме, за да покажеме дека во Скопје имавме лош ден“, вели Ангеловски“.