Ангеловски ќе ја изненадува Словенија со Ристовски како стопер, а Николов како бек (ФОТО)

Македонската фудбалска репрезентација вечерва го игра клучниот меч со Словенија на Националната Арена „Тодор Проески“, а селекторот Игор Ангеловски има две „изненадувања“ за гостите, со борбениот Бобан Николов на десната страна, кој ќе треба да ја покрие истата како бек во дефанзива, а како крило во напад и стандардниот десен бек Стефан Ристовски како трет стопер.

Ангеловски остана на својата формација 3-5-2, со три стопери, па во недостаток на Егзон Бејтулаи и Дарко Велковски, во последната линија пред Столе Димитриевски ќе играат Ристовски, Висар Муслиу и Кире Ристевски. Алиоски останува стандардно на лево, како крило-бек, додека Стефан Спировски е опцијата за повредениот Енис Барди како партнер во срцето на средниот ред покрај Аријан Адеми.

Во тројката со Адеми и Спировски, Елиф Елмас ќе игра како фудбалер за врска, додека Горан Пандев и Илија Несторовски ќе бидат најистурени во нападот.

Македонија мора вечерва да победи за да остане во трката за директно место на Евро 2020. Црвено-жолтите имаат осум бода по шест кола, а Словенија, која е втора има 11.