Ангеловски: Сега цврсто на земја, сѐ уште немаме ништо направено!

Македонскиот селектор Игор Ангеловски после победата против Словенија со 2-1 со што останавме во жестока битка за пласман на Евро 2020 уште еднаш повтори дека е задоволство да се работи со оваа група на играчи и дека е горд после оваа победа.

Елиф Елмас со два гола вечева беше херојот на Македонија за триумфот со кој црвено-жолтите дојдоа до 11 бода и сега во последите три меча ќе водат жестока битка за едно од двете места кои директно носат на ЕП, а веќе в недела Македонија го има новиот сериозен предизвик – гостувањето кај првиот фаворит Полска.

„Секоја чест дечки. Кажав и претходно дека е задоволство да се работи со овие момци. Вечерва ме направија горд. Едно големо браво за публиката која дојде да нѐ поддржи. Јас морам да кажам дека сите знаете какви проблеми имавме со повреди и сите се ставија во функција на тимот, некои играа на несвојствени позиции за нив и сето тоа покажува колку ја ценат, ја сакаат и даваат сè за репрезентацијата. Победата е убава, ама уште ништо не сме направиле. Имаме уште три меча и мора да останеме цврсто на земја. Додека имаме шанса да се бориме ќе се бориме за пласман на ЕП“, рече Ангеловски по мечот.

Македонскиот селекто посочи дека на полувреме откако судијата Мекели им поништи гол, се обидел да ги смири фудбалерите кои биле нервозни во соблекувалната.

„Фудбалерите беа изнервирани. Јас не сакам да коментирам за тој момент (поништениот гол – н.з.) зашто не сум го видел моментот, но им рекод да се смират за да не излеземе од колосек, зашто имаме подобра игра. И на крај им реков дека Господ ќе ни врати“, посочи Ангеловски.

Македонија со триумфот ги зголеми шансите за пласман на ЕП, а во Варшава, Ангеловски најави дека неговите избраници одат да одиграат фудбал и да се изборат за бод или победа.

„Со оваа победа ни се зголемија шансите за да ја исполниме целта, но јас не мислам на ништо сега освен на Полска. Сконцентриран сум на тоа што не чека во Варшава. Полска е апсолутен фаворит, тоа го кажав уште по ждрепката и во Скопје одигравме меч на кој покажавме дека може да се носиме со нив. Сега одиме да играме фудбал и да освоиме бод или три“, додаде Ангеловски.