Ангеловски: Да ги имав сите играчи, ќе беше поинаку!

Македонија загуби од Полска со 0-2 вечерва во Варшава и со тоа сонот за пласман на Евро 2020 заврши две кола пред крајот, откако и Австрија победи во Љубљана, па сега црвено-жолтите ги очекува подготовка за втората шанса во март догодина преку плејофот во Лигата на нации за да се оствари историскиот успех.

Македонија денеска не играше ништо, се бранеше добро 75 минути, а потоа Полска со два експресни гола ни ги урна и најмалите надежи. Селекторот Игор Ангеловски после мечот посочи дека поинаку би било ако ги имал сите фудбалери на располагање, а вечерва му недостигаа петмина повредени – Дарко Велковски, Енис Барди, Аријан Адеми, Иван Тричковски и Крсте Велкоски.

„Немам што да им забележам на моите фудбалери, посебно за борбеноста и ангажираноста во текот на целиот меч. Против една Полска издржавме 75 минути и жал ми е што по една наша грешка Полска поведе. Ние знаеме со кого се соочивме, а нивното искуство го реши овој меч. Но, морам да кажам дека ако ги имав сите фудбалери на располагање ќе беше поинаку на теренот“, рече по мечот Ангеловски.

Македонскиот селектор посочи дека последните два меча со Австрија на гости и Израел дома во идниот месец сега ќе бидат подоготовка на Македонија за мартовскиот плејоф во Лигата на нации.

„Нè чекаат уште два меча во овие квалификации со Австрија и со Израел, а тие сега ќе ни бидат подоготовка за тоа што нè чека во Лигата на нации во март“, додаде Ангеловски.