Алиоски: Настапот на Еуро е нешто посебно, но сакаме повеќе од само учество!

Македонскиот репрезентативен лев бек Езџјан Алиоски три дена пред дебито со Македонија на Европското првенство и мечот со Австрија во недела од 18 часот во Букурешт, посочи дека Македонија не се задоволува само со историски пласман и настап на ЕП, туку сака да остави поголем белег на овој еврошампионат за уште еднаш да докаже дека оваа генерација е баш добра.

Алиоски за австриската новинска агенција АПА посочи дека тоа што Македонија е дебитант, не треба да создава дополнителен притисок, туку на секој меч да се влезе опуштено како да станува збор за било каков друг меч, а не за настап на голем турнир.

„Концентрирани сме да направиме нешто на ова првенство. Не е само да се пласираш и да бидеш дел од Еуро. Ние на овој пласман сме горди, ама сакаме повеќе. Дебито не треба да ни биде оптоварување, овој турнир е посебен, а ние ќе му пристапиме како на нодмален меч. Не треба да не фаќа нервоза, одиме од меч за меч“, вели Алиоски.

Тој посочува дека Македонија од поодамна е во еуфорија и таа еуфорија ќе остане и после ЕП, а подоцна сите ќе го сфатат успехот, кога целата оваа атмосфера ќе легне за неколку години.

„Еуфоријата е присутна од почеток и тоа е нормално, зашто ова е историја, првпат сме на Европско и никогаш не сме искусиле вакво нешто. Еуфоријата ќе остане и после Еуро, а кога ќе бидеме на одмор за неколку вистински години ќе сфатиме што се случувало“, додава Алиоски.

Холандија е прв фаворит во групата, а Австрија наш прв противник на ова деби.

„Холандија дефинитивно е фаворит во групата, но во фудбалот секогаш има изненадувања и ние сакаме да покажеме дека сме добри за да направиме изненадување. Австрија е фаворит на мечот, компактна селекција, физички многу силна. Многу играчи имаат големо искуство, имаат многу фудбалери во германската Бундеслига, па технички се многу добри. Но, таа победа со Германија ни даде огромна самодоверба. Имавме шанса да покажеме дека сме силен тим, дека може да направиме нешто и тоа го докажавме. Вториот меч со Австрија во Виена, мислам дека им дадовме силен отпор, иако ни недостигаа тогаш неколку фудбалери“, посочи Алиоски.