Алиоски и Николов ќе мора да внимаваат - не смеат да направат глупост в сабота!

Македонската фудбалска репрезентација ги започна подготовките за втората третина од мечевите по групи во Лигата на нации, во кои црвено-жиолтите ги очекуваат пресметки со Лихтенштајн в сабота навечер во Скопје и со Ерменија за една недела во Ереван.

Македонија во вторите два меча влегува со максимални шест бода по двете воведни победи со по 2-0, па сега со два триумфи во овие два меча што се на програмата во следните седум дена, нашата репрезентација практично ќе исчекори кон првото место и само формално ќе треба да го завери тоа прво место кое носи во плејофот во Лигата на нации.

Но, во пресрет на двомечот, двајца македонски репрезентативци, кои се од исклучително значење во оваа селекција, ќе мора в сабота да бидат исклучително внимателни. Езгјан Алиоски (Лидс) и Бобан Николов (МОЛ Види) се под закана за суспензија, ако наивно добијат втори опомени во мечот со Лихтенштајн.

Алиоски доби жолт картон во Гибралтар, а Николов со Ерменија во вториот меч, па поради тоа против тоталниот аутсајдер, фудбалерите ќе мора да бидм максимално концентрирани и смирени со цел да не направат „глупост“ за да испаднат од комбинација за исклучително важниот „реванш“ во Ереван во вторник попладне.

Во групата на пожолтени е и Иван Тричковски, кој игра во неверојатна форма и досега сезонава веќе има десет гола зад своето име, но поуларниот Тричко е повреден и многу веројатно ќе ги прескокне овие два меча. Тричковски го повредил адукторот на последниот меч со АЕК Ларнака и тоа е голем хендикеп за Игор Ангеловски. Тричковски беше стрелец на првиот гол за Македонија во Лигата на нации.

Македонија го пречекува Лихтенштајн само една година откако со две победи и вкупни 7-0 лесно и убедливо го мина овој противник во последните мундијалски квалификации.