„Земјотрес“ во Лондон: Боели и Волтер ги продаваат акциите во Челси!

Англискиот гигант Челси би можел да добие поинаква сопственичка структура, откако Тод Боели и Марк Волтер почнале преговори за продажба на своите акции во клубот на мнозинскиот сопственик „Клерлејк Капитал“.

„Клерлејк Капитал“ во моментов контролира 61,5 проценти од сопственичката структура на Челси, додека Боли, Волтер и Хансјорг Вис ги поседуваат преостанатите удели. Доколку договорот биде постигнат, „Клерлејк“ би можел да ја зголеми контролата над клубот на повеќе од 86 отсто и практично да ја преземе целосната контрола врз „сините“.

Потенцијалниот договор би го вреднувал Челси на повеќе од 5 милијарди фунти, што е значително повеќе од сумата за која конзорциумот го презеде клубот во 2022 година.

Боли и Волтер беа дел од конзорциумот кој во 2022 година го купи премиерлигашот по заминувањето на рускиот бизнисмен Роман Абрамович. Оттогаш, меѓу различните сопственици постоеја несогласувања околу идната стратегија на клубот, вклучително и прашања поврзани со стадионот и начинот на управување.

Дополнителен фактор е Волтер, кој неодамна го продаде својот удел во НБА-тимот Лос Анџелес Лејкерс за околу 12,5 милијарди долари, што претставува дел од поширокото повлекување од одредени спортски инвестиции.