Второ реми по ред - на Аталанта ѝ „виси“ и второто место

Ако до пред две кола се наоѓаше на чело на табелата во Серија А, Аталанта утре би можела да падне на третата позиција, ако Интер слави на гостувањето кај Венеција.

Првото место веќе го загуби бидејќи таму е Наполи, но со денешното реми на гости кај Удинезе им даде шанса и на останатите екипи да ја престигнат или да ѝ се доближат. Што е најинтересно, Аталанта може да биде и задоволна со нерешениот резултат во Удине затоа што домашниот тим беше далеку подобар противник и создаде повеќе шанси за гол.

Најизгледните ги имаше Алексис Санчез кој во финишот два пати ја погоди рамката од голот на гостинскиот тим. Неговите промашувња можеше да ги казни Лазар Самарџиќ кој во 95. минута се закани по домашниот голман, но Разван Сава не дозволи да се тресе неговата мрежа.

Ова беше прв натпревар на Аталанта по 30 август 2024 година, а вкупно втор оваа сезона на кој тимот од Бергамо не успеа да постигне барем еден гол.