ТФТ го совлада Гостивар и им се врати на победите

По два пораза во низа, екипата на ТФТ им се врати на победите во Првата македонска кошаркарска лига откако попладнево го совлада Гостивар со 77-71.

Со тоа си обезбеди барем уште едно коло при врвот на табелата со оглед на тоа што пред 13. круг имаше идентичен биланс како МЗТ Скопје и Пелистер, кои треба утре да се сретнат во дербито во „Јане Сандански“. До јубилејната победа, ТФТ стигна откако речиси цел натпревар се наоѓаше во водство, а највисоката предност изнесуваше 13 разлика.

Гостите беа конкурентни во првата четвртина во која го имаа и своето највисоко водство (20-17), а се понатаму мина во знакот на ТФТ. Клучни беа последните три минути од првото полувреме во кое домаќините направија 8-1 и на голем одмор заминаа со 46-37. По три минути игра во третиот период дојде и највисоката предност на тимот од Тафталиџе (54-41) кое подоцна беше повторено уште два пати по што Гостивар не успеа резултатски да се врати. Два пати намали на -5, но недостасуваше последниот чекор за пресврт.

Дерин Говенс беше најефикасен кај ТФТ со 16 поени, Хотон оствари дабл дабл со 13 поени и 10 скока, а се истакна и Гафни со 11 поени. Максим Митевски со 17 поени го предводеше тимот на Гостивар.