Врие во Реал Мадрид: Роналдо и Рамос во отворена војна!

Лошите настапи во Ла Лига на стартот на сезоната и осумте бодови негатива во однос на најлутиот ривал Барселона доведоа до точка на вриење во соблекувалната на Реал Мадрид, па шпанските медиуми постојано објавуваат пикантерии од војната која веќе подолго време трае на релација Шпанци против најдобриот светски фудбалер Кристијано Роналдо.

Откако беше откриено дека најголемиот дел на млади шпански фудбалери во Реал имаат свој клан против Роналдо и најмногу му замеруваат за себичноста на Португалецот, а се предводени од Иско, угледната „Марка“ сега потенцира дека во отворена војна Роналдо е и со капитенот Серхио Рамос.

„Марка“ е весник многу близок до „кралскиот клуб“, а таа објави дека тензиите во соблекувалната кулминираат со отворената војна на Португалецот и шпанскиот репрезентативец. Рамос е лут на последните изјави на Роналдо дека причина за падот на мадриѓаните во овој период е заминувањето на Фабио Коентрао, Пепе, Хамес Родригес и Алваро Мората. Роналдо бил и незадоволен што премногу внимание се посветува на младите и неискусни фудбалери, што на Рамос ептен многу му засметало, па му одговорил дека токму тие млади сили (Иско, Марко Асенио, Лукас Васкез) биле клучни за два трофеи на стартот на сезоната – Суперкупот на УЕФА во Скопје и Суперкупот на Шпанија.

Роналдо во соблекувалната нема многу сојузници, откако четирите фудбалери што заминаа беа дел од „неговиот клан“, додека Рамос има одлични односи со најголемиот дел од младите ѕвезди, од кои неколкумина се дел и од шпанската сениорска репрезентација. Роналдо наводно е многу навреден што Рамос додава сол на раната, меѓу другото и со изјавите дека Нејмар е добредојден во Мадрид и дека Бразилецот би бил големо засилување за „кралевите“.

Заминувањето на Роналдо очигледно станува се поизвесно, откако низа медиуми открија дека тој веќе побарал трансфер, а дури и Лионел Меси дознал каде ќе оди најдобриот светски фудбалер во моментов.