Во Шалке стискаат палци Штутгарт да испадне – полесно ќе било да го земат Чурлинов

Шалке 04 се врати во германската елита после една сезона во Цвајта, па сега клубот тргна во изградба на тимот за идната сезона, а македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов е приоритет да биде задржан, ама за сѐ се прашува Штутгарт кој му е матичен клуб и има договор со „швабите“ до 2024 година.

И додека раководството на Шалке 04 бара начин како да го задржи Чурлинов, кого по мечот викендов му завршува едногодишниот заем во Гелзенкирхен, во клубот ќе стискаат палци за Штутгарт во последното коло да испадне од Бундеслигата. Причината е токму Чурлинов.

Спортскиот директор на клубот Рувен Шредер за локалниот портал „Рур24“ објавил дека најлесен начин за Чурлинов да остане во Гелзенкирхен е Штутгарт да испадне. А, за таков расплет во последното коло сезонава потребно е „швабите“ да го загубат мечот со Келн, а Арминија Билефелд да го победи Ред Бул Лајпциг, што би било рамно на чудо.

Втората опција е Штутгарт преку баражот за опстанок, зашто е на бод до заверка на истиот да загуби во пресметката со третопласираниот тим во Цвајта и така во следната сезона да игра во второлигашки ранг.

„Билд“ пред неколку дена објави дека Штутгарт е рапсоложен да разговара за трансфер на Чурлинов и дека Шалке е на потег, но очигледно во Гелзенкирхен ќе чекаат расплет на сезоната, зашто во случај на испаѓање би можеле да ја намалат сумата за откуп и за помалку пари да го добијат македонскиот офанзивец.