Валенсија не го пушта Димитриевски - му го продолжува договорот до 2028 година!

Шпанската екипа Валенсија активирала клаузула која ѝ овозможува еднострано да го продолжи договорот со македонскиот голман Столе Димитриевски на уште две сезони, па така тој ќе остане во клубот до јуни 2028 година, пишува „ЕлГолДигитал“.

Клубот треба да му го исплати бонусот кој бил вклучен во претходниот договор, а со тоа ќе си ја обезбеди и важната позиција во тимот затоа што Димитриевски во изминатиот период бранеше одлично, а со тоа привлече интерес од неколку екипи.

Валенсија не водела преговори со македонскиот чувар, туку ја искористила опцијата еднострано да му го продолжи договорот на Димитриевски, затоа што таквиот потег тренерот Карлос Корберан и спортскиот сектор го оцениле како стратешки за тимот.

Димитриевски пристигна во Валенсија во 2024 година и оваа сезона беше резерва на голманот Јулен Агирезабала сè до моментот кога тој се повреди, а Македонецот ја презема одговорноста и блесна на голот на Валенсија.

Македонскиот голман оваа сезона настапи на 20 натпревари како стартер, а според статистиката запишал 52 интервенции, а примил 25 голови, со што покажа дека е вистинско решение меѓу стативите на Валенсија.

Фото: Facebook/Valencia C.F