Валенсија бара од УЕФА ригорозна казна за тренерот на Аталанта

Откако екипата на Валенсија удри по тренерот на Аталанта, Џанпјеро Гасперини, нарекувајќи го „неодговорен“, шпанскиот клуб овој пат бара Италијанецот да биде казнет од страна на УЕФА.

Во интервју за „Газета дело Спорт“, објавено во неделата, Гасперини призна дека имал симптоми на коронавирус пред гостувањето на Аталанта во Валенсија, за возвратниот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите, во март годинава. Но, исто така, додаде дека доцна дознал дека е всушност заразен со вирусот кој одзема многу човечки животи во светот, особено во Шпанија и Италија.

Тоа го принуди шпанскиот клуб да реагира брзо - со официјално соопштение. Валенсија рече дека се изненадени од коментарите на Гасперини и тврдат дека тој „изложил голем број на луѓе на ризик да бидат заразени со вирусот Ковид-19“.

Сега министерката за здравство на Валенсија, Ана Барсело, изрази разочарување од одлуката на Гасперини да патува во нејзиниот град за натпреварот и покрај тоа што имал симптоми на вирусот.

Тој се однесувал неодговорно, знаел дека доаѓа во област со висок ризик. Не смеел да патува. Информациите како оваа, во секој случај, покажуваат зошто натпреварот морал да се игра пред празни трибини, како што беше случајот, изјави Барсело за шпанска „Марка“.

„Марка“ исто така пишува дека Валенсија сега очекува реакција од УЕФА и италијанските власти и се надева дека 62-годишниот стратег ќе биде ригорозно казнет.