„Умовите“ во ФФМ попаметни и од Англичаните: И со пола сезона ќе има првак во Премиер, а кај нас...

Откако во февруари удри коронавирусот во светот, па направи тотален хаос во секојдневниот живот, комплетно ги стави во карантин луѓето на два-три месеци, фудбалот претрпе сериозни штети, па некои лиги како македонската Прва лига не ги доиграа актуелните сезони, а други успеаа да ги рестартираат националните првенства.

И соочени со тој хаос, одредени земји ги поништија првенствата и ја оставија елитната структура иста (нема ни првак, а ни испаѓање), некои прогласија шампиони, а во ФФМ измислија термин – замрзната табела (?!).

Но, да е цикусот комплетен, статусот „замрзнување на табелата“ ќе го има и во новата сезона во Првата лига според пропозициите и тоа ако коронавирусот и најавениот есенски тежок бран направи такви компликации да не може да се игра фудбал како пролетоска. Според ФФМ, ако се одигра над 50 отсто, а помалку од 75 отсто – првенството ќе се замрзне. И повторно, никој не знае што тоа значи, ниту како ќе се одмрзне. Доволно да заиграат повторно „шемите“ како и досега кога треба да се одговорат клучните прашања.

Веројатно во ФФМ има толку големи умови што смислиле вакви вонредни термини, за кои нормалниот свет не слушнал. А, најдобар доказ е Англија, земја која е колпка на фудбалот и чија Премиерлига во моментов заедно со шпанската Ла Лига се најсилните две првенства на светот. И двете продолжија со фудбалот после пандемијата, за разлика од Франција која ја прекина лигата и прогласи првак од петте најсилни на Стариот континент. Англичаните веќе спремиле сценарио за вонредни услови, ако коронавирусот не дозволи да се доигра нормално сезоната, а таа ќе мора порано да заврши поради презакажаното Евро 2020 идното лесто.

И, според најавите од Островот, во Премиерлигата ќе се признае првак, екипи за Европа, а ќе има и испаѓање ако се одигра само половина од шампионатот. Што значи и со 19 кола од 38-те предвидени, Англија ќе добие првак. „Ивнинг Стандард“ веќе го објави предлогот кој клубовите треба да го прифатат и во иднина овој член да биде вметнат постојано, не само поради коронавирусот, туку и поради идни други вонредни ситуации, природни непогоди, идни пандемии...

Правилникот ќе важи за сите лиги од највисоката до најниската, а Англија како и најголем дел од земјите немаа правилник што при прекин на сезоната. Исто како што немаше ни Македонија. Да имаа Англичаните вакво правило од лани, Ливерпул уште во март ќе беше шампион, иако јасно беше дека и без доигрување и убедливата предност, титулата не може да им избега, ама Лестер ќе играше во ЛШ, а Манчестер јунајтед ќе извисеше (што по рестартот се случи обратното), додека Вотфорд ќе се спасеше од испаѓање на сметка на Астон Вила.

Очигледно во ФФМ има поголеми фудбалски умови од Англија, а македонскиот фудбал е многу поголем од англискиот, штом кај нас ќе треба да се „изораат“ 75 отсто од мечевите, а Англичаните прагот го ставиле на само 50 отсто за шампионатот и првакот да си е валиден. особено што никој ниту знае, ниту може да предвиди каков ќе биде новиот бран од октомври кој се прогнозира и дали воопшто ќе има шанси за да се одиграат и половина од предвидените мечеви.  

Што знае Англија што е врвен фудбал и како треба да се прогласи првак?