Удинезе чека понуда за Несторовски, ќе прифати и помалку од милион евра!

Италијанскиот калчолигаш Удинезе сака да го откачи макеоднскиот репрезентативен напаѓач Илија Несторовски, но на пет дена до крајот на преодниот рок сѐ уште чека понуда за да се ослободи од прилепчанецот, најавуваат медиуми од Удине.

Иако во изминативе нешто повеќе од еден месец, се најавуваше интерес од низа клубови од Серија Б како Монца, Кротоне, Парма, Лече и Виченца, плус од фенерџијата од Калчото, Салернитана, засега на адреса на Удинезе нема ниту една понуда за Несторовски, чиј договор до црно-белите истекува во јуни. Се најавуваше дека од Кина и арапскиот полуостров исто така има интерес за прилепчанецот.

Несторовски имаше седум месечна пауза од април до ноември лани поради тешката повреда на коленото и операцијата на лигаментите поради што не играше на дебито на Македонија на Европските првенства летоска, но по враќањето не добива минутажа во Удинезе, па заминувањето е единствена опција. Според информациите на медиуми од Удине, калчолигашот е расположен да го продаде Несторовски и за помалку од еден милион евра, само колку да се ослободи од Македонецот.

Се очекува до крајот на преодниот рок во понеделник Несторовски да заврши некаде, што е и најдобра опција, за да почне да игра и да конкурира за македонскиот дрес, во ситуација кога селекторот Благоја Милевски има низа млади напаѓачи кои беа во подобра форма и стандардно играа и даваа голови есеноска – Милан Ристовски, Давид Бабунски и Бојан Миовски.

Несторовски во 2016 година дојде на Апенините за пола милион евра од хрватски Интер Запрешиќ во Палермо, а во летото 2019 година си замина од Сицилија поради банкротот на сицилијанската гордост, па како слободен играч со чисти документи го зема Удинезе, но македонскиот центарфор не доби премногу минутажа за неговиот претстој на „Дачија Арена“, па немаше константност во настапите и најчесто беше „резерва“.