Тухел удри по навивачите на Англија: Срамно навивање за ваква перфектна игра!

Селекторот на Англија, Томас Тухел, по убедливата победа над Велс (3-0) во синоќешната пријателска средба на „Вембли“, упати критика кон навивачите, сметајќи дека не му дале доволна поддршка на тимот.

Англичаните одиграа одлично прво полувреме, постигнувајќи ги сите погодоци до 20. минута, по што темпото на играта опадна. Иако резултатот беше убедлив, германскиот стратег остана разочаран од атмосферата на трибините.

„Стадионот беше премногу тивок. Не ја добивме енергијата што ја очекувавме од навивачите. Се слушаа само велшките фанови и тоа е жално. Тимот заслужува поголема поддршка. Што повеќе можевме да направиме по такво перфектно прво полувреме?“, изјави Тухел по натпреварот.

Тој додаде дека дел од публиката рано го напуштила стадионот поради метрото, што дополнително ја нарушило атмосферата:

„На натпреварот во Србија поддршката за нас беше фантастична. Ги почитувам англиските навивачи, но денеска атмосферата не одговараше на нашата игра. Стојам зад зборовите – не може да водиме 3-0 во дерби, а да нема еуфорија. Очекував повеќе поддршка, особено во второто полувреме, но навивањето беше за Велс“, додаде Германецот.

Англија ќе гостува во Латвија на 14 октомври во рамките на квалификациите за Светското првенство 2026, каде со евентуална победа може практично да си го обезбеди настапот на Мундијалот.

ФОТО: EPA PHOTO