Трансферите во Јунајтед ќе зависат од пласманот во Премиер лигата

Челниците на Манчестер jунајтед одлучија да ги замрзнат сите планови за трансфер, сè додека не се знае дали клубот ќе се натпреварува во групите на Лигата на шампионите во следната сезона.

„Црвените ѓаволи“ влегоа во лоша форма во најнеповолниот момент од сезоната, дозволувајќи две ремија против Саутемптон и Вест Хем, како и пораз од Челси во ФА Купот. Овие околности сериозно го доведоа во прашање евентуалното учество на тимот на најпрестижниот европски клупски турнир следната сезона.

Јунајтед моментно е на третото место, со еднакви бодови со 4-тиот Челси и само еден бод предност од 5-тиот Лестер. Интересно е што Јунајтед им гостува на „лисиците“ во последното коло од Премиер лигата во директен натпревар за место во топ 4.

Оваа неизвесност за финансискиот приход на клубот, го натера раководството да престане со сите разговори за селекцијата во текот на летото, барем до после средбата со Лестер. Неуспехот на „црвените ѓаволи“ да ја исполнат целта ќе значи дека момчињата на Оле Гунар Солскјер ќе треба да се потпрат на освојување на Лига Европа на крајот на тековната кампања за да најдат место во Лигата на шампионите.