Тотре три години во Ворскла: Многу сум среќен што дојдов во овој клуб!

Поранешниот македонски репрезентативец Енур Тотре од денеска и официјално е нов член на украинска Ворскла Полтава, каде му се придружи на репрезентативниот колега Ѓоко Зајков, кој од зимоска е дел од овој украински клуб.

Тотре после една година во албанскиот првак Тирана се пресели во Ворскла и потпиша тригодишен договор. Тој беше дел од Шкендија од периодот од 2014 до 2021 година, беше репрезентативец, а потоа како слободен фудбалер замина во Тирана каде на 40 меча даде пет гола и имаше шест асистенции.

„Неверојатно сум среќен што станав дел од клубот Ворскла, сакам да им се заблагодарам на сите што придонесоа за потпишување на мојот договор. Ова ми е само прв ден во тимот, генерално, сакам да кажам дека сè е најдобро средено во клубот, се надевам на добра сезона. Исто така, сакам да им порачам на навивачите дека ќе дадам 100 отсто од мојот максимум за добри резултати“, рече Тотре.