Тотнем го одра Орие со жестока казна за три прекршувања на карантинот

Лондонски Тотнем жестоко удри по џебот на Серж Орие поради неговата неодговорност и кршењето на правилата за карантин дури трипати, па сега дефанзивецот на лондонскиот тим ќе мора да плати 150.000 евра.

Орие пред неколку дена на Инстаграм објави фотографија со својот бербер Џастин Кер со што ги прекрши правилата за карантин, откако го повикал Кер за му направи нова фризура пред тренингот. Претходно фудбалерот од Брегот на Слоновата коска беше снимен како трча со свој пријател, а потоа на Инстаграм објави уште едно видео од индивидуален тренинг со соиграч од клубот.

Овој фудбалер од 2016 година наваму доста често прави проблеми, а како фудбалер на ПСЖ доби двомесечна условна затворска казна зашто нападнал и удрил полицаец пред еден ноќен клуб. Три месеци пред овој инцидент доби 180.000 евра казна од ПСЖ поради навреди и ужасни статуси против свои соиграчи меѓу кои Златан Ибрахимовиќ, Анхел Ди Марија, Салваторе Сиригу, како и тогашниот тренер Лоран Блан.