Тоа ќе биде драма: Барса може да ја освои титулата во - Ел Класико

По триумфот против Атлетико во Мадрид синоќа, Барселона му избега седум бода на најголемиот ривал за титулата Реал, на осум кола пред крајот на Ла Лига.

Иако во оптек се уште 24 бода, јасно е дека тоа е огромен капитал за каталонскиот клуб кој има шанса првпат по седум години да го одбрани шампионскиот трофеј во домашното првенство. Интересно е тоа што титулата може да биде обезбедена токму во дуелот со Реал.

Претстојното Ел Класико е на програмата на 10 мај на Камп Ноу и ако дотогаш нема промени во состојбата на табелата, Барса би влегла со седум бода предност во однос на Реал. Евентуална победа на тој меч ќе ја однесе на +10 на три кола пред крајот на сезоната што ќе биде недостижно за „кралскиот клуб“.

Сепак, ова се само претпоставки, а дотогаш двете екипи имаат исклучително незгодни натпревари. Тоа, пред се, се однесува на Барселона која на крајот од април и почетокот на мај ја очекуваат две тешки гостувања - кај Гетафе и Осасуна, екипи кои неодамна го победија Реал и му овозможија на каталонскиот клуб да се врати на чело на табелата. Во истите две кола Реал гостува кај Бетис и Еспањол што е исто така тежок предизвик, особено ако во тој период мадридскиот тим игра и во полуфиналето од Лигата на шампионите.