Тер Штеген со многу емоции се збогуваше со Барселона
Ваквата одлука беше очекувана ако се земе в предвид дека Тер Штеген целосно беше во втор план по повредата што ја имаше минатата сезона и не добиваше вистинска шанса за настап.
Џирона нема право на откуп на договорот, што значи дека германскиот чувар на мрежата на лето ќе се врати во Барселона. Новата средина треба да му послужи пред се за враќање во натпреварувачка форма и континуитет на настапи. Тер Штеген со емотивна порака се прости од соиграчите и клубот, истакнувајќи дека периодот поминат во Барселона засекогаш ќе остане посебен дел од неговиот живот.
„Денес е мојот последен ден оваа сезона со соиграчите и персоналот на Барселона и навистина имам измешани чувства. Толку многу спомени и емоции ме обземаат токму сега. Речиси 12 години, овој клуб, а особено оваа соблекувална беа мој дом. Место каде што пораснав како играч и како личност и каде што доживеав незаборавни моменти. Чувствувам длабока благодарност и гордост. Го сакам овој клуб, овој град и оваа регија. Тие носат чувство во мене кое никогаш нема да избледи. Вашата поддршка во сите овие години беше неверојатна, ви благодарам од срце.
До оние во соблекувалната, ви благодарам за толку години поминати заедно, за секојдневието, смеата, борбите, почитта. Ве носам сите со себе. Имав огромна чест да ја носам капитенската лента, нешто што засекогаш ќе го носам со себе. Сега моето патување продолжува во Каталонија и навистина се радувам на она што е пред мене. Ви посакувам се најдобро и се надевам дека ќе видам уште многу освоени трофеи“, напиша Тер Штеген.
Германскиот голман има важечки договор со Барселона до летото 2028 година. Како што стојат работите во овој момент, каталонскиот клуб на лето ќе се обиде да пронајде купувач за искусниот чувар на мрежата.