Спортинг му соопштил на Ристовски дека може да си бара нов клуб

Откако се појавија инфомации дека Волфсбург е силно заинтересиран за заменикот капитен на македонската фудбалска репрезентација, Стефан Ристовски, весникот „А'Бола“, која ја објави таа информација сега тврди дека македонскиот десен бек добил одврзани раце од „лавовите“ да си бара нова дестинација.

Според „А'Бола“, Ристовски добил инструкции од клубот дека е слободен да бара клуб и дека може да размислува за трансфер, зашто наводно тренерот Рубен Аморим бара други решенија на десната бековска позиција, па затоа Македонецот е на излезна врата од Спортинг, каде дојде во летото 2017 година.

Според најавите, Спортинг бара четири милиони евра за отштета, но прашање е сега дали истата ќе ја намали, ако веќе клубот не смета повеќе на македонскиот дефанзивец, особено зашто Волфсбург наводно нудел три милиони за трансфер. Ристовски пред да избувне корона-кризата беше на чекор да потпише нова соработка со Спортинг, но сега ситуацијата се смени и многу извесно е, ако се точни овие најави од Португалија, дека Бундеслигата ќе биде следна дестинација на вардаровото дете.

Македонскиот репрезентативец во рестартот на сезоната се врати во првиот тим, иако пред корона-кризата влезе во проблем со тренерот, откако после една замена лут замина директно во соблекувалната, па Аморим јавно му порача дека „тој е шеф и тој решава сè во интерес на клубот“.

Ристовски е дете на Вардар кој замина во Италија уште како тинејџер, па играше за Парма (Серија А), Кротоне, Бари, Фросиноне и во 2015 година после банкротот на „млекарите“ се пресели во Риека, каде беше миленик на навивачите и дел од шампионската генерација која во 2017 година ја освоија двојната круна. Потоа замина во Португалија, прво на заем, а потоа Спортинг го откупи неговиот договор.