Сон се враќа во Европа, ќе игра за Милан?
Сон го напушти Тотнем минатото лето, по една деценија во дресот на Спарс, за да потпише за Лос Анџелес ФЦ во МЛС, каде што ја отвори сезоната со девет гола во своите први десет лигашки настапи. МЛС има различен календар од европските лиги, почнува кон крајот на февруари и трае до средината на октомври, завршувајќи со плејофот, а финалето на МЛС Купот е закажано за 6 декември. Потоа следува подолг период на одмор што овозможува кратки зимски позајмици. Затоа, според британскиот „Сан“, Сон е заинтересиран за привремено враќање во Европа, по моделот на Дејвид Бекам, кој прв отиде на позајмица во Милан од ЛА Галакси за да се врати во форма пред Светското првенство во 2010 година.
Британски извори велат дека Милан е меѓу клубовите што би можеле да реагираат во јануари ако Лос Анџелес ФЦ даде согласност. Тотнем, неговиот поранешен клуб, но и враќање во Јужна Кореја исто така се спомнуваат како алтернативи. Договорот што го потпиша со ЛАФЦ наводно содржи таканаречена клаузула „Бекам“ што му овозможува да игра во Европа за време на зимската пауза.
„Сон Хеунг-Мин ги отфрли понудите од големите европски и саудиски клубови за да се пресели во МЛС, но ја остави отворена можноста да се врати во Европа на краткорочна позајмица. Во својата кариера тој играше Хамбург, Баер Леверкузен и Тотнем за кого забелжа 445 настапи и постигна 173 гола, а како капитен ја освои Лигата на Европа во 2025 година“, пишува Сан.
Според Трансфермаркт, пазарната вредност на 33-годишниот Сон се проценува на околу 20 милиони евра.