Соиграч на Пандев потресен: Бев на мостот 10 минути пред да се урне!
Доскорашниот фудбалер на Зенит, летово се врати во Џенова и веќе почна да тренира со Горан Пандев и останатите нови соиграчи. Ја имал таа среќа да го помине вијадуктот „Понте Моранди“ само 10 минути пред да се урне и да трагично да ги загрози животите на десетици луѓе.
Кришито се исповеда на Инстаграм, пишувајќи и со тага и со потресеност, но и со револт.
„Ја пишувам оваа порака за сите оние кои ми пишуваат, загрижени за мене и за моето семејство. Сите сме добро, иако го поминавме мостот точно 10 минути пред да се урне. Моите мисли се со семејствата на жртвите.
Не е можно еден мост на автопат да се урне туку така – НЕ Е МОЖНО!
Мора да се направи нешто во оваа земја, луѓето си заминуваат поради работи како оваа. Ни треба безбедност, ни треба некој да преземе нешто, ова е одвратно“, напиша Кришито.
Кришито играше во Зенит од 2011 до 2018 година, а минатата сезона му беше противник и на Вардар во два наварата, во групите од Лига Европа. Тој е, всушност, „дете“ на Џенова, кариерата ја почнал таму, а има играно само уште за Јувентус (2004-2009). Актуелен член е и на италијанската репрезентација, за која има 24 настапи.
Мостот „Понте Моранди“, пак, се урна попладнево, околу 14 часот и до моментот на објавување на овој текст италијанските медиуми известија за 22 жртви.