Легендарниот Ширер безмилосно го нападна Погба!

Катастрофалниот старт на сезоната на англискиот великан Манчестер јунајтед предизвика бурни реакции кај навивачите на најтрофејниот клуб на Островот, па медиумите и приврзаниците бараат отказ од контроверзниот менаџер Жозе Мурињо, но легендарниот Алан Ширер е единствен кој застана во одбрана на - „специјалниот“.

Јавноста го обвини Мурињо дека ги загубил конците во соблекувалната, дека се создале кланови, а капак на се е „војната“ со Пол Погба, но и фактот дека буквално го пречкрта Алексис Санчез. Но, Ширер во колумната за „Сан“ жестоко го нападна Французинот Погба и застана во одбрана на португалскиот тренер.

„Манчестер јунајтед моментно е вистински срам. Никогаш во животот не мислев дека ќе кажам вакво нешто, па ова не го правам со некакво воодушевување. Тоа беше клуб со највисоки морални вредности и стандарди. И ова не е став – анти-Мурињо. Тажен сум што не му оди, зошто е сјаен менаџер. Првата сезона му беше успешна со два трофеи, втората не толку успешна, иако беше втор. Но, тоа што сега се случува во клубот е срамно, посебно еден ваков великан да биде толку во медиумите во негативен контекст. Се навивкавме да читаме и слушаме за Манчестер тоа што е внимателно одбрано, а сега гледаме само лоша атмосфера во тренинг-кампот“, пишува Ширер.

Според англиската легенда, тоа што се случува и тоа како го урива угледот и реномето на клубот.

„Не е сè на Жозе Мурињо. Кога јас почнав да тренирам, состојбите во фuдбалот беа поинакви. Клубовите и тренерите имаа моќ, имаа играчи. Пол Погба е најскапиот фудбалер во историјата на Манчестер јунајтед. И сега, размислете и сетете се колку големи играчи играле за овој клуб, а иако Погба е светски првак, тој на 'Олд Трафорд' не може ни врвките да им ги врзува на легендите во клубот. Патетичен е. Патетичен беше и со Вест Хем. Толку лош што Мурињо мораше веднаш да го извади. И сега, ако тој мисли дека треба да му 'намести' отказ на Мурињо, тогаш треба да се пофали, зошто тоа му оди многу подобро од играњето фудбал. Ниту неговите соиграчи не се подобри. Каде е Санчез? Тоа беше играч за кого сите се тепаа, а успеаа да го 'украдат' пред Пеп Гвардиола. Ситуацијата околу него го сумира сето лошо што се случува во Јунајтед. Алексис не е ни близу нивото на кое беше во Арсенал, не е ни чудо што не е ниту на клупа. Се гледа дека исправна била одлуката Сити да не го ангажира. Менаџер како Мурињо не заслужува вакво нешто“, додава Ширер.

Јунајтед освои само девет бода досега во англиската Премиерлига, а барем убедливо тргна во Лигата на шампионите со триумф со 3-0 кај Јанг Бојс и вечерва ќе ја пречека Валенсија во второто коло во европската елита.