Шалке испиша нова црна историја во Бундеслигата: Ги отпушти речиси сите во клубот

Со само девет освоени бодови од 23 натпревари Шалке е најлошиот тим во Бундеслигата во последните 50 години. Тимот од Гелзенкирхен е на добар пат да испадне од елитата за прв пат по 1988 година. 

По вчерашниот пораз од 5-1 од Штутгарт, клубот денеска му врачи отказ на тренерот Кристијан Грос, како и неговиот асистент Рајнер Видмајер. Челниците на Шалке не застанаа тука па врачија уште неколку откази. Тимскиот менаџер Саша Рајтер и одговорниот за тимските перформанси Вернер Лојтхард исто така заработија отказ. Надзорниот борд на директори одлучи да го отпушти и Јохен Шнајдер, директорот за спорт и комуникација.

Тренерот од академијата, Петер Кнабел привремено ќе ја преземе првата екипа, додека не биде назначен нов тренер. Идниот тренер на Шалке ќе биде вкупно петти сезонава по Давид Вагнер, Мануел Баум, Хуб Стевенс и Кристијан Грос. 

Ниту еден тим во историјата на Бундеслигата немал пет тренери во една сезона.