Санчез е прав „ѓавол“: За гол добива скоро девет милиони евра и Солшер не знае што да направи!

Чилеанската ѕвезда Алексис Санчез е најголемата утка во историјата на Манчестер јунајтед, зашто откако дојде од Арсенал, крилниот фудбалер е тотално разочарување и неговиот ефект е никаков на „Олд Трафорд“, а притоа е најплатениот фудбалер во Премиерлигата со пола милион евра неделна плата.

Санчез во Јунајтед дојде во замена за Хенрик Мхитарјан во јануаро 2018 година и откако е член на Јунајтед досега за 20 месеци има заработено цели 41 милион фунти, а англиските медиуми му пресметаа дека за секој гол што го дал, а се вкупно пет, има заработка од 8,2 милиони фунти или речиси девет милиони евра.

Ама тоа што е најлошо во целата ситуација за Јунајтед и менаџерот Оле Гунар Солшер е што не знаат што да направат со Чилеанецот. Во ситуација кога е најплатен фудбалер, а поради слабите настапи и нема интерес некој да го купи, имаат две опции во кои секако ќе си останат оштетени.

Првата опција е Санчез да биде префрлен во вториот тим, што значи дека Јунајтед нема да го користи, но ќе треба да го плаќа и тоа од 505 илјади фунти неделно. Втората опција е да ѝ го даде на Рома на заем, ама и така ќе треба да го плаќа, барем најголемиот дел од платата, а поситниот би одел на товар на „волчицата“.

Во Манчестер се надеваат дека до 2 септември, кога завршува преодниот рок, ќе најдат начин да се ослободат од Санчез, инаку ќе мора да му платат за ништо уште 8,6 милиони фунти до јануари и тогаш да чекаат и бараат начин да се откачат од него.