Самсоненко со „Бет Сити“ две години ќе го спонзорира Монако!

Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, газдата на ракометниот и фудбалскиот клуб Вардар стана партнер и потпиша двегодишен договор со своите обложувачници „Бет Сити“ со бившиот француски првак Монако.

ЗЛАТКО КРСТЕВСКИ

Откако со Вардар се проби во светот на спортот, па со ракометниот клуб двапати ја освои Лигата на шампионите во изминатите три сезони, а фудбалскиот клуб играше во групната фаза во Лига Европа од 2017 година, Самсоненко стана спонзор на московска ЦСКА, а сега потпиша договор како официјален регионален обложувачки партнер на клубот од „малото кнежевство“.

Монако е клуб кој е во сопственост на руски олигарси, а во клубот игра и најголемиот руски талент Александр Головин, па францускиот клуб сака посебно да го освои рускиот пазар и поради тоа доаѓа соработката со обложувачниците на Самсоненко. Детали од договорот не се објавени, но повеќе од сигурно е дека станува збор за мултимилионска зделка, ако се знае колкави се цените за рекламирање на дресот на поранешниот финалист во Лигата на шампионите (сезона 2003/2004 година).

„Се надевам дека ова е почеток на трајна соработка помеѓу Монако и 'Бет Сити' и имаме за цел да ги здружиме нашите сили за да придонесеме за развој и унапредување на фудбалот во двете земји. 'Бет Сити' долго време е вклучен во развојот на рускиот фудбал, во тесна соработка со ЦСКА Москва. Новото партнерство ќе ни овозможи да го достигнеме новото ниво на денешниот светски фудбал. Се надеваме дека Монако ќе ни помогне ефикасно да ги оствариме амбициозните проекти и цели поврзани со маркетингот“, гласи изјавата на Самсоненко.

Од Монако изјавија дека се радуваат на партнерскиот однос на клубот со руската обложувачница.

„Среќни сме што клубот сега го приближуваме до руските навивачи преку партнерството со 'Бет Сити', познат спонзор на ЦСКА Москва. Русија е клучен пазар за нас и убедени сме дека со оваа соработка ќе придонесеме за развој и поинаков однос со руските љубители на спортот. Монако и 'Бет Сити' ќе направат чекор напред за да ги остварат заедничките амбиции и со здружени сили во дигиталниот свет да донесат интересни и ексклузивни содржини за навивачите. Исто така на клиентите ќе им овозможиме да ги откријат и уживаат убавините од ВИП-от на 'Луј Втори' тука во Монте Карло. Ова е една возбудлива нова авантура“, изјавил Жули Фере Надал, комерцијалниот и маркетинг директор на францускиот клуб.