„Роналдо можеше да биде најголем, ама - егото го изеде!“

Критиките кон Кристијано Роналдо по последниот конфликт со репрезентацијата на Португалија не стивнуваат. Во низата реакции се приклучи и поранешниот француски репрезентативец Кристоф Дугари, кој без многу двоумење го нападна однесувањето на големата португалска ѕвезда.

Роналдо ја напушти репрезентативната селекција пред натпреварот против Данска, откако новиот селектор Жорже Жезус одлучи да не го стави во стартниот состав. Двајцата претходно разговарале за неговата минутажа, но ситуацијата ескалираше откако Роналдо остана на клупата и не доби шанса да влезе во игра. Токму неговото заминување од репрезентативниот камп предизвика жестоки реакции во јавноста.

Дугари, кој беше дел од шампионската генерација на Франција од 1998 година, смета дека Роналдо со своето однесување сериозно го нарушува сопствениот углед.

„Ова ме заморува. Страшно е да имаш толку малку почит кон своите сонародници и кон својата нација“, порача Дугари во една телевизиска емисија.

Французинот оди и чекор понатаму, тврдејќи дека егото на Роналдо во последниот период станало голем проблем.

„Порано оставаше впечаток на здрав човек, тимски играч, некој голем и дарежлив. Сега имам чувство дека се променил и дека егото го изеде во последните неколку месеци. Талентот на голем играч е и да препознае кога повеќе не игра на истото ниво. Тоа се случува веќе на три репрезентативни натпреварувања. Португалија е поефикасна без него. Роналдо можеше да биде најголем, но егото го изеде“, додаде Дугари.

Поранешниот француски напаѓач особено го критикуваше начинот на кој Роналдо ја напуштил репрезентацијата, оценувајќи дека таквото однесување испраќа лоша порака до младите португалски фудбалери. Ситуацијата дополнително ја усложни фактот што Португалија без Роналдо забележа убедлива победа од 4-2 против Данска, што повторно ги отвори дебатите за улогата на 41-годишниот капитен во националниот тим.