Тиквеш даде 13 гола за пласман во осминафиналето
Прашањето околу победникот практично беше решено уште по првите 45 минути. Прволигашот постигна пет гола во првото полувреме, а во продолжението продолжи во ист ритам и додаде уште осум за убедлив триумф.
Најефикасни во составот на Тиквеш беа Лавал и Адешина Лукман, кои постигнаа по три гола. Ацковски и Окере двапати се запишаа во листата на стрелците, додека по еден гол постигнаа Сила, Елмас и Спасов. Со оваа победа Тиквеш стана претпоследниот учесник во осминафиналето на Купот на Македонија.
Пласман во следната фаза веќе обезбедија Струга ТЛ, Пелистер, Брера, Македонија ЃП, Вардар, Башкими, Каменица Саса, Брегалница, Шкендија Арачиново, Скопје, Охрид, Беласица и Арсими. Место во осминафиналето има и бранителот на трофејот Силекс, кој без борба обезбеди пласман во оваа фаза.
Последниот патник ќе биде познат на 14 октомври, кога Вардар Неготино ќе го пречека Работнички. Шкендија Тетово, пак, нема да биде дел од ова издание на Купот поради суспензијата со која е соочен клубот.