Крај на 25-годишното чекање: МЗТ повторно ја отвора вратата на ФИБА!

По четвртина век чекање, европската приказна на МЗТ Скопје добива ново поглавје!

Македонскиот шампион вечерва се враќа на сцената на ФИБА Европа Купот, а првата страница од новата европска авантура ќе ја пишува пред своите навивачи во „Јане Сандански“. Противник е грчки Ираклис, во натпреварот од првото коло во групата Е.

Дуелот е закажан за 19 часот, а очекувањата во таборот на „металците“ се јасни – европското враќање да започне со победа. МЗТ последен пат настапуваше во натпреварување под капата на ФИБА во сезоната 2000/01, па вечерашниот натпревар има посебна тежина за клубот. По 25 години, европска кошарка повторно ќе се игра во „Јане Сандански“, а актуелниот македонски шампион сака камбекот да биде победнички.

Ираклис во Скопје доаѓа со желба да го поправи впечатокот од стартот на грчкото првенство. Солунскиот тим во првото коло загуби од Олимпијакос со 68-78, но станува збор за состав кој во текот на летото дополнително се засили и има сериозни амбиции во ФИБА Европа Купот. Тренерот Васко Атанасов добро го анализирал противникот и посебно ги издвојува новите засилувања на грчкиот состав, Хасан Дијара и Донтрес Стајлс, како и искусниот стратег Зоран Лукиќ.

„Очекуваме интересен и возбудлив натпревар со Ираклис. Внимателно го следевме формирањето на нивниот ростер и очигледно е дека значајно се засилија со ангажирањето на Хасан Дијара и Донтрес Стајлс – играчи кои имаат зад себе одлични сезони во многу силни натпреварувања. Ќе биде чест да се игра против тренер како Зоран Лукиќ. Неговото искуство и богата кариера гарантираат дека ова ќе биде голем предизвик, кој јас и мојот стручен штаб сме целосно подготвени да го прифатиме. Противникот е искусен и квалитетен, но и ние имаме свои адути. И секако, како и секогаш, со голема помош од трибините, наша крајна цел е – победа“, изјави Атанасов.

Патот до следната фаза нема да биде едноставен. Во групата Е, покрај МЗТ и Ираклис, се и германски Вурцбург, естонски Тарту, полските Џики Варшава и АЕК Ларнака од Кипар. Секој тим ќе одигра по десет натпревари, а само првите две екипи ќе обезбедат пласман во втората фаза. ФИБА оваа сезона го прошири натпреварувањето на 48 екипи, распоредени во осум групи со по шест тима. За МЗТ тоа значи десет европски испити во кои секој бод може да биде исклучително важен. А првиот е можеби и најспецијален – пред домашната публика, на денот кога клубот по 25 години повторно го чувствува европскиот натпреварувачки пулс.

„Металците“ во последните години се етаблираа како доминантна сила во македонската кошарка, а сега следува нов предизвик – да покажат дека можат да бидат конкурентни и надвор од домашните рамки.