
Ривалдо шокира со предлогот за нов тренер на Барса: Донесете го Мурињо
Познато е дека Чави најави заминување на крајот од сезоната, а управата се уште е во потрага по негов наследник. Досега во комбинација беа неколку познати имиња, но претходните денови во прв план изби Рафа Маркез кој е тренер на вториот тим. Ривалдо, сепак, смета дека Барса треба да го донесе Мурињо.
„Не гледам можност наскоро Гвардиола да се врати во Барселона, мислам дека единствена реална шанса да се случи тоа е кога би посакал да се врати дома и да ужива во семејниот живот. Тоа тешко дека ќе биде идната сезона, добро му оди во Манчестер Сити, а и клубот е во одлична финансиска кондиција.
Знам дека многу навивачи не прифаќаат тренери или фудбалери кои биле во противничките екипи, но Жозе Мурињо веќе беше и во Барселона и мислам дека тој е одлична личност. Неговиот интензитет како тренер и контроверзите со сопствените навивачи би биле проблем, но тој е роден победник. Со оглед на ситуацијата во која се наоѓа Барселона, мислам дека е полесно да ѝ се придружи Мурињо, отколку Гвардиола“, смета Ривалдо.
Португалецот беше еден од кандидатите за тренер на Барселона и во 2008 година, но тогаш Жоан Лапорта го назначи Гвардиола за шеф на стручниот штаб и со тоа почна блескавата кариера на сега трофејниот стручњак. Во меѓувреме Мурињо биеше жестоки битки со Барселона (спортски и неспортски) како тренер на Интер, Реал и Челси, а во моментов е без ангажман откако неодамна доби отказ од Рома.