Ристовски сведочеше за нападот на ултрасите: Живеам во страв и до ден-денеска!

Македонскиот репрезентативен десен бек Стефан Ристовски сведочеше пред судот во Лисабон за хоророт што тој и неговите соиграчи го преживеаа во мај минатата година, кога 40-на ултраси на Спортинг упаднаа во тренинг-центарот и нападнаа дел од фудбалерите после серијата слаби резултати.

Ристовски преку видео-коференциски линк првпат откри детали од нападот и како ја преживеале бруталноста на дел од најжестоките навивачи на клубот, по што посочил дека и до денеска живее во страв во Лисабон. Хаосот се случи на 15 мај 2018 година, кога маскирани ултраси упаднаа во тренинг-кампот „Алкочете“, а потоа истрагата покажа дека зад тој напад одговорен бил бившиот претседател на клубот Бруно де Карвалјо, кој патем го донесе македонскиот репрезентативец во португалската престолнина од Риека.

„После тој инцидент страв ми е и денеска. Живеам во страв дека после секој пораз, може да ни се случи истото. Ние бевме во соблекувалната, кога видовме четири-пет навивачи со маски на лицето како се обидуваат да ја пробијат вратата и да влезат, а притоа урлаа: 'ќе ве убиеме'“, вели Ристовски.

Македонецот во сведоштвото посочил дека меѓу напаѓачите имало еден со златен заб и двајца црномурести лица, кои потоа од фотографиите од безбедносните камери практично биле откриени.

„Во центарот влегоа 20-25 лица, а уште 10-15 во соблекувалната. Кога влегоа, се обидоа да лоцираат кој каде е, кој стои, кој седи. Јас стоев, ама на 'лошата страна' беа Акуња и Батаља. Акуња седеше и беше прв на удар, а кога влегоа ја видов нивната интенција. Акуња беше удрен во глава, се обиде да го избегне ударот, ама не успеа. Четворица-петмина беа над него во еден момент“, вели Ристовски.

Како се свртел во секунда, видел уште еден напад врз друг соиграч – Батаља.

„Сè траеше многу кратко, околу две минути, а тие фрлаа сè што ќе дофатеа и постојано нешто се закануваа, ама повторуваа 'имајте почит', 'играјте подобро' или 'ова ви е последна шанса'. Но, не можев сè да видам, се обидував некако да се одбранам. Таков хаос беше во соблекувалната што не успеав да видам дали и други соиграчи беа нападнати', посочува Ристовски.

Македонскиот репрезентативец додал дека фудбалерите практично биле вкочанети, не знаеле што да прават.

„Соблекувалната беше цела во чад (од пиротехнички средства – н.з.). И никој не се осмели да ја напушти. Бевме парализирани внатре, со раце над глава за да не добиеме ќотек. После час и половина дури излеговме од слоблекувалната, зашто се плашевме дека надвор истите нè чекаат. Сите бевме исплашени. Јас не сакав да оставам ниту еден соиграч, па потоа во групи полека излегувавме. После тој напад, ми беше страв да излезам, се преселив во хотел, а мојата сопруга и ќерката ги пратив во Македонија. После мечот во финалето на Купот отидов по нив“, завршил Ристовски.

Пред два дена „А Бола“ објави дека Спортинг ќе го продава Ристовски и дека очекува добра понуда за трансфер уште зимава, а најверојатно дестинација на македонскиот десен бек повторно ќе му биде Италија. Но, „лавовите“ нема туку-така да го продадат туку бараат сериозна понуда која ќе ги задоволи.