Реал пак плаче: Наследниците на Негреира ни украдоа четири бода

Трето реми по ред, испуштено прво место на табелата и тоа е аларм за вклучување на плукачката машинерија на Реал Мадрид.

Телевизијата на овој клуб повторно направи емисија, како што тоа го правеше минатата сезона, во која удри по судиите, обвинувајќи ги за испуштени четири бода на последните три меча. Тоа го прават и покрај фактот што во минатото коло, против Елче, Реал постигна два нерегуларни гола со кои се спаси од пораз. Од телевизијата, која повеќе од една година врши душмански притисок врз шпанските судии, тврдат дека на Реал не му биле досудени најмалку уште два пенала.

„Нема сомнение за пенал над Винисиус, нема сомнение ниту за оној за Родриго, но Пулидо Сантана не го предупреди Де Бургос Бенгоечеа во ВАР собата. Исто беше и во ситуацијата со Мбапе. Ако судијата го види, ќе досуди пенал или барем ќе го разгледа внимателно. Проблемот е што судијата воопшто не беше повикан да го гледа видеото. Ниту во оваа ситуација ниту во онаа на Родриго. Тие две акции можеа да влијаат на резултатот. Имаме четири бода помалку како резултат на наследниците на Негреира и како резултат на грешките или неправилностите што се случуваат или од Де Бургос Бенгоечеа или од оној што беше во Ваљекас пред некој ден, а Фран Сото го оправдува сето тоа.

Пред неколку дена рече дека не го видел видеото, но дека е убеден дека имало прекршок на Белингам, иако тој не е досуден. Значи, тој веќе однапред ги оправдувал неправилностите и манипулациите, што е јасно видливо на снимката, додека се обидувал да прикрие сè со случајот Негреира. Минатата сезона, судиите ни одзедоа шест бода и ѝ ја подарија титулата на Барселона. Сега го прават истото“, грмат од РМТВ.

Интересно е тоа што во првите десет кола, во кои Реал играше одлично и направи пет бода предност, немаше поплаки за судиите. Мадридскиот клуб е најпривилегиран оваа сезона во Ла Лига со седум досудени пенали во негова корист. Далеку зад него, со по три, се Атлетик Билбао, Алаваес, Жирона, Сосиедад, Атлетико Мадрид, Барселона, Еспањол и Осасуна. Дури и на вчерашниот натпревар Реал освои бод благодарение на удар од белата точка.