Легендарен бугарски репрезентативец се бори за живот во Германија

Легендата на бугарскиот фудбал Љубослав Пенев бил итно примен во онколошка клиника во Германија, објавува утринава медиуми кај нашиот источен сосед.

Според информациите, лекарите сè уште не ја прецизирале точната дијагноза на 59-годишниот поранешен напаѓач, но се тврди дека Пенев значително ослабел и дека третманот со хемотерапија во моментов не е можен. На помош на Љубо, преземајќи голем дел од трошоците за лекување во странство, му е и поранешниот капитен на репрезентацијата Стилијан Петров.

Пенев веќе еднаш ја победи истата болест, во 1994 година, поради што го пропушти Светското првенство во САД. Тој беше член на славната генерација од 90. години на минатиот век, но не настапи на Мундијалот на кој Бугарите направија сензација и го освоија четвртото место. Некогашниот напаѓач на Валенсија и Атлетико Мадрид е миленик на неколку генерации Бугари, особено навивачи на ЦСКА бидејќи е единствениот во историјата на софискиот клуб кој бил негов младинец, капитен, претседател и главен тренер. 

Со сериозни здравствени проблеми во моментов се соочува и капитенот на златната генерација и поранешен претседател на Бугарскиот фудбалски сојуз, Борислав Михајлов кој доживеал мозочен удар и е во болница во Софија.