Реал Мадрид му нуди нов богат договор, ама со „осигурување“ од – милијарда евра!

Управата на Реал Мадрид во моментов работи на операцијата „Винисиус 2028“, која предвидува потпишување нов договор со бразилскиот фудбалер, зад кого е фантастична сезона.

„Кралевите“ се свесни дека тој вреди многу повеќе од тоа што во моментов го заработува, па се подготвени да му понудат големо зголемување на платата. Бразилецот сега со сите бонуси доаѓа до четири милиони евра годишно, а со новиот договор би заработувал неверојатни 10 милиони евра за секоја одиграна сезона во дресот на мадриѓани.

Во замена за поголемата плата, Винисиус сегашниот договор со важност до 2024 година ќе го продолжи за дополнителни четири односно до 2028 година, а ќе прифати и драстично зголемување на откупната клаузула. Таа во моментов изнесува 350 милиони евра, но со новата соработка ќе биде зголемена на неверојатни милијарда евра. Бразилскиот репрезентативец сезонава одигра 50 средби за Реал Мадрид во сите натпреварувања на кои постигна 21 гол и имаше дури 20 асистенции.