ПСЖ најде решение за пеналите - малку е глупаво, па публиката свири!

Пари Сен Жермен го реши спорот меѓу Кавани и Нејмар за шутирањето пенали и сега е постигнат „мир во куќата“ арно ама сега не е задоволна публиката.

„Генијалното“ решение го нашол тренерот Унаи Емери, а првпат беше применето на вчерашниот натпревар со Бордо, кој ПСЖ го доби со 6-2.

Нејмар и Кавани ќе шутираат пенали наизменично. Вчера беше ред на Бразилецот, па во 40. Минута, кога резултатот веќе беше 3-1, тој ја зема топката. Да имаше друг пенал до крајот на мечот ќе го шутираше Кавани, вака сега редот му останува за следната пригода.

Меѓутоа, во моментите кога Нејмар тргна да шутира, се слушна свиркање и негодување од трибините. Тоа јасно кажува дека на публиката не ѝ се допаѓа оваа мерка на Емери, но и дека таа смета оти Нејмар е виновникот за оваа банална расправија и тој не треба да ги шутира пеналите.

Вчерашниот натпревар заврши 6-2 за ПСЖ, Нејмар постигна два гола, а Кавани еден. По еден дадоа и Дракслер, Мбапе и Мение.