ПСЖ му понуди двегодишен договор на Џиџи Буфон!

Францускиот шампион Пари Сен Жермен му понудил двегодишен договор на Џанлуиџи Буфон, кој по 17 години меѓу диреците во дресот на Јувентус ќе си замине од торинскиот великан на крајот на сезонава.

Буфон вчера објави дека заминува од „старата дама“, но оти не планира да се пензионира, а ПСЖ силно го посакува во своите редови, иако Буфон веќе има 40 години и е пред пензија. Како што објави „ЕСПН“, повикувајќи се на извори од клубот, ПСЖ бара стабилен, цврст и искусен голман, сооглед дека на голот во моментов нема вистинско решение во Алфонсо Ареола и Кевин Трап. Ареола во оваа сезона беше прв избор, но Томас Тухел смета дека Буфон би бил вистински ментор на 25-годишниот голман и тој многу побрзо би напредувал со легенда како Италијанецот покрај себе.

Како што објаснил изворот од ПСЖ за „ЕСПН“, идејата да се ангажира Буфон е и поради финансискиот фер-плеј, па парижаните нема да може да трошат многу пари во летниот предоен рок и шансата за да ангажираат големо име без оштета е добредојдено за нив. Инаку, Џиџи Донарума од Милан и Јан Облак од Атлетико Мадрид се споменуваа како први на листата за засилувања, но сето тоа запира поради најавената казна од Нион.

„Има понуди за Буфон, но засега ништо немаме решено. Џиџи не сака да зборува за тоа, па немам ни јас што да кажам повеќе. Сега ќе земе десет дена одмор, па потоа ќе видиме што понатака“, рече Силвио Мартина, менаџерот на италијанскиот голман.